ЗА ШТЕТНИТЕ ПЛАСТИЧНИ КЕСИ СО АДИТИВИ

ЗА ШТЕТНИТЕ ПЛАСТИЧНИ КЕСИ СО АДИТИВИ

познати како оксоразградливи

 

Кесите што најчесто ги користиме, оние од супермаркетите, речиси и да не се разликуваат од обични пластични кеси, иако многумина ги сметаат за еколошки. Ваков впечаток, во домашната јавност, наметна Министерство за животна средина и просторно планирање кога во 2012/2013 год. неосновано ги нарече ,,биоразградливи”. 

Тоа се кеси од полиетилен и адитиви додадени за да, под дејство на кислород, кесите побрзо се распаднат на поситни делови. Овој процес, без разлика дали се одвива во присуство на микроорганизми или без нив, не е биоразградување!

Биоразградување е процес на физичко и биолошко распаѓање на материјалот и негово разложување од микроорганизми на природни елементи како CO2, вода и биомаса. Целосно разградување на материјалот се постигнува кога секој негов дел, во потполност е искористен како ,,храна’’ за микроорганизмите што се наоѓаат во животната средина.

Според Извештајот на Европската комисија од јануари 2018, претходните научни и експериментални истражувања за оксоразградливата пластика не понудиле докази дека таа е биоразградлива и дека зад себе не остава никакви фрагменти на пластични или токсични остатоци што негативно влијаат врз животната средина.

Напротив, постојат јасни индикации дека е штетна, а секое дезинформирање на потрошувачите резултира со создавање погрешни навики во однос на нејзиното користење.

Затоа, во контекст на европската стратегија за пластика, во 2018 год. ЕУ започна постапка за забрана на употребата на оксо-пластика, вклучително и оксоразградливи кеси (пластични кеси со адитиви).

На 5 јуни 2019 прифатена е и озаконета Европската Директива за намалување на влијанието на одредени пластични производи врз животната средина, според која земјите членки треба да ја забранат пластиката за еднократна употреба исто како и производите изработени од оксоразградлива пластика.

Во полза на заштита на животната средина, во јуни 2020, група од седум асоцијации од Обединетото Кралство и „Гринпис“ испратија писмо до државниот секретар со барање за итна и целосна забрана за употреба, продажба и дистрибуција на оксо-пластиката во Обединетото Кралство, без оглед што земјата не е веќе членка на ЕУ.

Во писмото истакнуваат:
„Бидејќи Обединетото Кралство е во процес на ревидирање на законодавството за употреба на пакување од пластика, сега е време да делуваме.’’
—————
,,Не е само ЕУ, и во САД продажбата на пластика со адитиви за оксоразградливост е законски забранета, компаниите се казнувани доколку употребуваат термин ,,биоразградлива’’ за пластика што содржи оксо-адитиви од причина што истото се смета за залажување.’’
—————
,,Оксо-адитивите се направени да ја забрзуваат природната оксидација на пластиката (polyolefins), предизвикувајќи побрза фрагментација на пластиката во микропластика. Така, ефектот на овие адитиви е само да се забрза претворањето на макропластиката во микропластика и не го решава глобалниот проблем на пластично загадување, туку уште повеќе го влошува.’’
—————

 

Како и да звучи терминолошки, ваквата разградливост е штетна за животната средина, уште повеќе поради присуството на токсични адитиви во и онака штетната пластика.

Кај нас, со Законот од 2012 и Правилникот од 2013 (се’ уште на сила), оксоразградливите кеси се наречени ,,биоразградливи” – термин што е не само погрешен, туку ги доведува во заблуда потрошувачите алудирајќи дека кесите се еколошки прифатливи што е далеку од вистината! Всушност, се работи за обични пластични кеси со адитиви.