Незабранетите забранети пластични кеси во Македонија

Незабранетите забранети пластични кеси во Македонија

Законот и Правилникот

Иако кај нас за забраната на пластичните кеси се зборува во идно време, пластичните кеси за пазарување веќе се забранети со закон уште од 2012 година. Со измената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување од јануари 2012 година, овој закон се дополнува со нов член 8-а, кој гласи:

„Забрана за пуштање на пазар на кеси за транспорт на стоки

(1) Се забранува пуштање на пазар на кеси за транспорт на стоки произведени од полимери од етилен, поли (винил хлорид) и/или од други пластични маси.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член дозволено е пуштање на пазар на биоразградливи кеси произведени на соодветно пропишаните стандарди за биоразградливост.

(3) Стандардите за биоразградливост од ставот (2) на овој член кои треба да ги исполнуваат кесите за транспорт на стоки, начинот на пуштање и употреба на биоразградливите кеси за транспорт на стоки на пазар ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.“

Ако е така, зошто тогаш Македонија е преплавена од пластични кеси? Тоа е така, бидејќи Министерството за животна средина и просторно планирање ја поткопа оваа законска забрана на пластичните кеси за пазаување! Замислете, наместо ова министерство дополнително да ги унапредува еколошките стандарди, тоа ги поткопува!

Само три месеци од стапувањето во сила на законската забрана на пластичните кеси, во јануари 2013 година Министерството за животна средина усвои Правилник за стандардите на биоразградливост. Со овој Правилник се извршија две крупни поткопувања на еколошките стандарди.

Прво, под изговорот на биоразградливост, на мала врата ги протнаа пластичните кеси со адитиви (т.н. оксоразградливи кеси) како наводно биоразградливи. Создавајќи впечаток кај граѓаните дека пазарувањето со ваквите оксоразградливи пластични кеси значело да се грижиш за околината!

Второ, Министерството за животна средина со овој Правилник, спротивно на законот, дозволи примена на обичните пластични кеси во речиси сите сектори каде што претходно се употребуваа. Еве како гласи членот 3 од овој Правилник:

„Стандардите за биоразградливост од член 4 на овој правилник не се однесуваат на:

– пластичните кеси за транспорт на стоки на пазар кои се наменети да се употребуваат за производи од текстил, книги, канцелариски материјал, техничка стока, мебел, санитарии, железарии, лекови и помошни медицински производи, садови за домаќинство, сите видови обувки, детски играчки, спортска опрема и слична габаритна стока која не е предмет на секојдневна општа потрошувачка;

– пакувања (амбалажа) на производи и

– пластичните кеси кои се употребуваат за размерување и пакување на храна и прехранбени производи (зеленчук, овошје, месо, брашно и слични производи кои на барање на купувачот се размеруваат и пакуваат во помала количина).“

Како е оваа одредба од Правилникот во согласност со членот 8-а кој изречно пропишува: Се забранува пуштање на пазар на кеси за транспорт на стоки произведени од полимери од етилен, поли (винил хлорид) и/или од други пластични маси? Како е забрането пуштањето на пазар на кеси за транспорт на стоки ако тоа е дозволено во секторите изземени по сила на Правилникот? Можело така? Не! Тоа е кршење на принципот на владеење на правото. Подзаконските акти мора да бидат во согласност со законите. Ако законот нешто забранува, правилникот не може да дозволува!

Што вели Министерството?

Во врска со оваа забранета незабранетост на пластичните кеси, Иницијативата за забрана на пластични кеси го контактира Министерството за животна средина за да праша зошто не се применува во практиката одредбата од Законот за управување со пакување и отпад од пакување што предвидува забрана на пластичните кеси за пазарување.

Министерството го кажа следново како одговор:

„Ова спаѓа под делокругот на државниот пазарен инспекторат, кој во вршењето на надзорот има право да врши увид и контрола и да утврди дали на пазар се пуштаат кеси за транспорт на стоки спротивно на членот 8­а став (1) од овој закон. При вршење на инспекцискиот надзор државниот пазарен инспектор со решение ќе ги задолжи производителите и/или увозниците да ги повлечат од пазар кесите за транспорт на стоки произведени од полимери од етилен, поли (винил хлорид) и/или од други пластични маси (член 8­а став (1)).“

 

Зачудува што од Министерството воопшто не го ниту спомнаа нивниот сопствен Правилник за стандардите за биоразградливост. А наместо тоа, ја префрлија топката кај Пазарниот инспекторат. Да, точно е дека Пазарниот инспекторат, согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување, врши надзор над примената на законската забрана на пластичните кеси за пазарување. Но, токму постоењето на одредбата од Правилникот за стандардите за биоразградливост со кои се дозволува пуштање на пазар на пластични кеси во речиси сите сектори е причината зошто на пазарните инспектори им се врзани рацете во вршењето надзор над законската забрана на пластичните кеси. Во врска со тоа, при префрлањето на топката кај Пазарниот инспекторат, Министерството за животна средина – одмолчи.

Дури и, ете, да не постоеше Правилникот и навистина целата вина за неспроведувањето на законот да беше кај Пазарниот инспекторат. Дури и тогаш, Министерството за животна средина нема да имаше релевантен изговор за сопствениот ноншалантен однос кон прашањето дали одреден закон од неговиот ресор се спроведува во практиката или не.

Што ќе донесе најавата за нова забрана на пластичните кеси?

Министерстерот за животна средина Насер Нуредини на крајот на 2019 година кажа дека од јануари 2021 година ќе бидат забранети пластичните кеси за пазарување (како тие да не се веќе забранети). Ништо не бидна од тоа. На крајот од 2020 година тој повторно најави дека ќе бидат забранети веќе забранетите пластични кеси за пазарување. Дури и тоа да се случи, она што може да се претпостави дека ќе се случи, врз основа со досегашното искуство со забранетата дозволеност на пластичните кеси за пазарување е следново:

Повторно со новиот закон ќе предвидат забрана на пластичните кеси за пазарување и повторно со нов правилник ќе дозволат таа забрана да не се применува во речиси сите сектори!

Така ќе биде ако никој не им се спротивстави во изигрувањето на законот. Иницијативата за забрана на пластични кеси ќе го даде својот придонес во справувањето со проблемот на огромната загаденост од пластика и ќе инсистира на тоа забраната да биде забрана, а биоразградливоста да биде биоразградливост!