СЕ МОЖЕ БЕЗ ПЛАСТИЧНИ КЕСИ!

СЕ МОЖЕ БЕЗ ПЛАСТИЧНИ КЕСИ!

Пластичните кеси се втор најзастапен вид отпад во животната средина по отпушоците од цигари. Тие се насекаде околу нас. Погледнете наоколу! Ќе видите дека кесите се најчестото ѓубре по улиците и во природата. Но, тие не само што ја нарушуваат естетиката на нашата околина, туку се штетни и за нашето здравје и за целата природа.

Во продолжение ве информираме зошто е потребно да се донесе забрана за пластичните кеси кои не ги исполнуваат еколошките стандарди и зошто е за нас важно да се преориентираме на навики за користење на реупотребливи алтернативи кога купуваме.

1. Пластичните кеси се штетни. Знаеш ли зошто?

Поголемиот дел пластични кеси се направени од полиетилен, супстанција што се добива од фосилните горива. Со неконтролираното и еднократно користење на пластичните кеси, фосилните горива дополнително се трошат, што директно ја влошува климатската криза чии последици се погубни по човештвото и останатиот жив свет на планетата.

Пластичните кеси убиваат околу 100.000 животни годишно. Животните, птиците и морскиот свет често ги сметаат пластичните кеси за храна. Консумираната пластика потоа го блокира нивниот дигестивен тракт и води до здравствени проблеми како што се инфекции, болни цревни блокади, изгладнување или смрт со задушување. Исто така, животните може лесно да се заплеткаат во пластичниот отпад. Бројни се случаите на птици заробени во пластични кеси, поради што не можат да летаат и да се хранат, па на крајот се заплеткуваат и се задушуваат до смрт.

Пластичните кеси се штетни и по нашето здравје. Мали пластични честички се веќе пронајдени во човековиот измет. Микропластиката го загадува и нашиот синџир на исхрана, па не треба да нè изненадува што таа може да се најде и во човековото тело. Загрижува тоа што научниците не знаат како нашиот метаболизам и имунитет ќе реагираат на зголемената концентрација на пластични честички во нашиот организам. Но, станува повеќе од јасно дека и тоа е дел од цената што ја плаќаме зашто не сакаме да се откажеме од неконтролираната употреба на пластични кеси.

 

2. Дали пластичните кеси се рециклираат?

Иако е во теорија можно, во практиката тоа ретко се прави. Пластичните кеси лесно се вовлекуваат внатре во машините за рециклирање, поради што ги примаат мал број капацитети за рециклирање низ светот. Затоа и генералната стапка на рециклирање е многу ниска – од 5 до 15 проценти.

Кај нас капацитети за рециклирање на пластичните кеси – нема. Тоа значи дека оној дел од пластичните кеси што ќе заврши во контејнерите (било во оние за селектирана пластика или за општ отпад), потоа останува на депониите и се распаѓа на микропластика штетна за здравјето, или се гори.

 

3. Колкава количина пластични кеси трошат македонските граѓани годишно?

Додека поголемиот број земји во светот сериозно ја намалуваат а некои и целосно ги забрануваат употребата и производството на пластични кеси, кај нас тој бизнис сѐ уште цвета. Според последните податоци од Заводот за статистика, во 2019 година се произведени 5.168 тони вреќи и кеси од полиетилен. Тоа е зголемено производство од 150 проценти во однос на 2009 година.

Кај нас секојдневно се трошат стотици илјади пластични кеси. Според последните податоци, на годишно ниво македонските граѓани користат од 120 до 150 милиони пластични кеси кои потоа завршуваат во отпад. Оваа висока бројка може да е и значително повисока. Според некои други податоци, во нашата земја секоја година се користат половина милијарда пластични кеси.

 

4. Зошто мора да се забранат пластичните кеси? Не е ли доволно да се подига јавната свест за штетните последици од пластичното загадување?

Подигањето на јавната свест, секако, е клучен и неизоставен дел од борбата против загадувањето со пластика, но единствен ефикасен начин за значително да се намали прекумерната употреба на кеси е тие да се забранат. За тоа сведочат искуствата од некои земји каде што потрошувачката на кеси евидентно се намалила, некаде за неверојатни 85-90%, откако властите вовеле мерки во вид на забрани и/или даноци.

Според истражување на ИРИ од 2019 година, прекумерното трошење пластични кеси за еднократна употреба кај нас, заедно со високата свесност кај граѓаните (91% се свесни) за нивното штетно влијание врз животната средина, создаваат услови и потреба од целосна забрана за нивно користење. Се очекува новите стандардизирани кеси, со повисока цена, да донесат евидентен пад на потрошувачката која уште повеќе би се намалила со зголемувањето на јавната еколошка свест.

 

5. Дали пластичните кеси во нашата земја се веќе забранети?

И да и не. Со Законот за управување со пакување и отпад од пакување (чл. 8-а) уште од 2012 година се забрануваат кесите за пазарење произведени од полимери од етилен, поливинил хлорид и од други пластични маси. А единствено се дозволуваат биоразградливите кеси. Сепак, спротивно на оваа одредба од законот, Министерството за животна средина донесе Правилник за стандардите за биоразградливост, чиј член 3 дозволува толку широко изземање од важењето на одредбата за пуштање на пазар само на биоразградливи кеси, што законската забрана на пластичните кеси е девалвирана, прекршена и направена неспроведлива.

Минатата година повторно се актуелизира забраната на пластичните кеси. Со новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување (повторно) се предвидува забрана на пластичните кеси, а во промет да се пуштаат само биоразградливи кеси по цена од 10 денари. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во декември 2019 година истакна дека овие мерки ќе стапат на сила на 1 јануари 2021 година. Јануари 2021 година дојде, но новиот закон и повторната забрана на пластичните кеси не се ниту на повидок.

 

6. Дали ќе се забранат сите пластични кеси?

Не! Според Член 10 од Предлог-законот за управување со пакување и отпад од пакување, на пазарот ќе бидат забранети пластичните кеси кои нема да ги задоволуваат пропишаните стандарди за биоразградливост (актуелните кеси не задоволуваат вакви стандарди!). Ова значи дека ќе бидат воведени и пуштени во промет нови кеси, различни по состав од досегашните, стандардизирани и вистински биоразградливи. Ваквите кеси задолжително ќе се наплаќаат и ќе чинат 10 денари – цена која треба да дестимулира неконтролирано купување и да поттикнува создавање нови свесни навики за користење на реупотребливи алтернативи.

 

7. Многу кеси се означени како биоразградливи. Но, дали сите се безбедни?

Во однос на биоразградливоста на кесите, треба да се прави разлика меѓу следните видови:

  • Биоразградливи пластични кеси се оние кои се распаѓаат под влијание на микроорганизми,
  • Оксоразградливи – се распаѓаат во присуство на кислород,
  • Оксо-биоразградливи – се распаѓаат под влијание на претходно наведените два фактора  кои делуваат истовремено или еден по друг.

Префиксот „био” во гореспоменатите термини се однесува на начинот на распаѓање на пластиката, со помош на микроорганизми, но тоа не значи дека крајниот производ од таквиот процес е еколошки и безбеден за животната средина.

 

8. Што е со кесите што сега ги користиме? Дали ги исполнуваат истите стандарди како оние во развиените земји?

Не! Кај нас, засега, не постојат кеси што ги задоволуваат еколошките стандарди, особено што покрај конвенционалните во употреба се и оксоразградливи кеси направени од пластика како што е полиетиленот. Оксоразградливите кеси се разликуваат од конвенционалните по додадените адитиви што се токсични, па под дејство на УВ-зраци, топлина и кислород го забрзуваат процесот на деградација така што со текот на времето пластиката фрагментира на мали честички микропластика и на тој начин трајно се задржува во почвата и во водите. Затоа е погрешно таквите кеси да се означуваат како „биоразградливи“.

За да бидат вистински биоразградливи и безбедни, пластичните кеси треба да се направени од биомаса (како скроб или целулоза), да не содржат токсични материи, односно да имаат мала концентрација на тешки метали и адитиви, pH вредноста како и содржината на азот, фосфор, магнезиум и калиум да им се во рамките на утврдените граници и да се соодветни за компостирање. Такви се кесите изработени според европскиот стандард EN 13432.

 

9. Дали забраната за користење пластични кеси дополнително ќе ги осиромаши социјално загрозените граѓани?

Сиромаштијата е сериозен проблем со кој се соочуваат значителен број граѓани. Така, можно е забраната на пластичните кеси како и натамошната продажба само на биоразградливи кеси негативно да се одрази на животот на сиромашните граѓани. Тоа никако не смее да се потценува. Но, постоењето на сиромашни луѓе не смее ни да се користи како изговор за да се задржи статус кво и да не се подигнат еколошките стандарди. Напротив, тоа мора да биде поттик за далеку посериозен пристап кон проблемот со сиромаштијата. Заедно со воведувањето на забрана за пластичните кеси, општините и државата треба да спроведат и акција за доставување платнени торби за пазарување на сите граѓани што се соочуваат со сиромаштија, со што ќе се спречат негативните последици по нивниот животен стандард. Борејќи се за повисоки еколошки стандарди, нашата Иницијатива ја поддржува и борбата за поголема социјална правда. Ни треба изградба на еколошки поодговорен и на социјално поправеден свет.

 

10. Што можеме да направиме како поединци?

Ако сакаме да имаме почиста околина и помалку пластични кеси наоколу, зошто не се обидеме да пазариме со платнени торби? Или барем дел од купеното да го ставиме во ранецот или ташната? Или, уште подобро, секојпат да си носиме пластични кеси од дома – зашто дома најверојатно веќе ги имаме во изобилие? Или да ги споделиме информацииве и да ги едуцираме најблиските, колегите, пријателите?

За да иднината биде без пластични кеси, треба да бидеме едуцирани и одговорни граѓани. Само така ќе можеме да бараме од надлежните – во најмала рака! – да го исполнат ветеното, и наместо дрвјата, во корен да го сосечат производството на непотребен пластичен отпад кој сите ќе нè надживее. На крајот на краиштата, зарем навистина не знаеме како да живееме без пластични кеси?

Пишете ни и приклучете ни се!

 

Контакт:  zabrana.plasticni.kesi@gmail.com

 https://www.facebook.com/zabrana.plasticni.kesi

https://instagram.com/zabrana.plasticni.kesi?igshid=n69dlre8dvkg