Ем загадувачи, ем профитери

Ем загадувачи, ем профитери

Компаниите-загадувачи со пластика обожаваат да зборуваат за рециклирање.
Ова подеднакво се однесува на петрохемиската и индустријата за фосилни горива, како и на секторите продажба и потрошувачка. Сè додека јавноста во рециклирањето гледа примарно решение на пластичната криза, овие компании ќе продолжат да создаваат неограничени количини пластика за еднокоратна употреба*.

 

Со децении бевме убедувани дека ако нашите пластики ги фрлиме во специјалниот контејнер, ќе дојде камион, ќе ги собере и ќе ги претвори во нов производ. Оваа прикаска ја создадоа компаниите за да можат да продолжат со штанцање на евтина пластика за еднократна употреба. Но, вистина е дека е рециклирано помалку од 10% од вкупната пластика произведена низ времето и дека наместо рециклирање се случува потциклирање што подразбира континуирано губење на вредноста на производите. Рециклирањето, за тие ретки парчиња пластика, претставува попатна станица помеѓу екстракцијата на чиста суровина и нивниот неизбежен крај на депониите, во погоните за согорување или во стомакот на некоја морска желка.

 

Трајна стратегија на компаниите е нам да ни го префрлат чувството на вина поради загадувањето. Работеа на тоа да нè засрамат за ѓубрето што тие самите го произведуваат, измислувајќи термини како ,,гнаси’’, покренувајќи рекламни кампањи… Ваквите компании знаеја дека доколку успеат да нè фокусираат на чистење на нивниот неред, ќе можат да ја избегнат личната одговорност. А тоа функционираше со децении.

 

За многумина од нас рециклирањето е синоним за екологија уште од времето кога бевме помлади. Знакот за рециклирање го лепевме на нашите коли, врз нашите маици и се гордеевме што селектираме отпад и го вршиме својот дел од работата. Но, компаниите отсекогаш знаеја дека тоа не е доволно да се запре кризата и упорно продолжуваа да го промовираат рециклирањето како решение на загадувањето. На производителите и трговците поевтино и полесно им беше да користат пластика од чиста суровина. Рециклирањето им беше само маска за да продолжат со создавање на уште повеќе пластика.

 

Отсекогаш, намалувањето и повторната употреба биле примарни решенија. Тоа не значи дека рециклирањето нема свое место за одредени материјали, но за пластика за еднократна употреба – тука тоа едноставно нема да помогне! Време е законодавците да престанат да ја форсираат агендата на индустријата преку лобирање за рециклирање, чистење или недокажани технологии за решавање на загадувањето со пластика. Време е законодавците да се сосредоточат на сеопфатно справување со оваа итност, првенствено преку намалување на количината на пластика што ја создаваме.

 

**Според законите, компаниите треба да станат одговорни за амбалажата што ја создаваат. Да се забранат секакви пластични непотрепштини, да не се отвораат погони за производство на пластика и да се прошират можностите за реупотреба. Да се заострат регулативите за токсичните хемикалии што се наоѓаат во пластиката, да се одредат минимуми за рециклирана содржина и да се создадат нови стандарди на означување. Да се забрани увоз на пластичен отпад во земји што не можат да се справат со тоа, неприфаќајќи лажни решенија како што е инсинерација (согорување). Јасно е, регулативите треба да ги поддржат вложувањата во реупотреба, градејќи иднина без пластика, наместо да се субвенционира рециклирањето на пластика (за еднократна употреба) – нешто што под итно треба да се забрани.

 

Кризата со пластика не е само прашање на отпадот – таа е аларм за јавното здравје и континуирана закана за климата. Маргинализираните заедници, живеејќи во близина на капацитетите за третирање и депонирање на пластика, соочени се со непропорционално влијание врз нивното здравје. Истите компании кои ни ја уништуваат климата, се потпираат на континуирана употреба на пластика за еднократна употреба заради профит, загрозувајќи го нашето здравје и благосостојба.

 

Ако навистина сакаме да ја спасиме природата и заедниците кои се најпогодени од оваа криза, мораме да дејствуваме холистички и да ги отфрлиме неуспешните решенија за чија поддршка со децении лобираат фирмите-загадувачи. Рециклирањето не ја реши и никогаш нема да ја реши оваа криза. Време е да престанеме да произведуваме толку многу пластика за еднократна употреба.

 

* Пластичните потрошувачки кеси спаѓаат во пластика за еднократна употреба

**Направени се измени во оригиналниот текст кој се однесува на конкретен закон