Дали пластиката придонесува за климатската криза?

Дали пластиката придонесува за климатската криза?

Фактите за штетните последици предизвикани од пластичниот отпад привлекуваат сè повеќе внимание, исто како и информациите за климатската криза, но нивната поврзаност честопати се превидува и не се препознава.

 

Пластиката – соучесник во глобалното затоплување

Она што прво што ни паѓа напамет во врска со влијанието на пластиката врз животната средина е нејзиниот удел во целокупното загадување со отпад и можноста таа да заврши во водите како закана за живиот свет во нив. Но, исто толку важно е да се знае дека секое парче пластика добиено од фосилни горива емитува стакленички гасови во текот на сите фази од својот животен циклус.

Според извештајот на Центарот за меѓународно законодавство за животна средина, производството на пластика е помеѓу индустриите со најголема емисија на стакленички гасови. Почетното рафинирање, полимеризацијата и пластификацијата се исклучително енергетски интензивни и придонесуваат со над двесте милиони тони јаглерод диоксид во атмосферата на Земјата годишно. Ваквите емисии се сериозна закана за способноста и нужноста глобалниот пораст на температурата да го задржиме под 1,5°C.

 

Што е со пластичните кеси?

Кесите во најголем дел претставуваат пластика за еднократна употреба и заедно со останатите производи од оваа категорија – тие се наше секојдневие. Исто како и кај другата пластика, докажано е дека стакленичките гасови се ослободуваат при производството, транспортот, употребата и секако, за време на процесот на разградување на пластичните кеси. 

Откако еднаш ќе се искористат и фрлат, пластичните кеси може да останат на депониите, да се рециклираат (повеќе теоретски!) или да се запалат, при што во сите случаи, помалку или повеќе, се емитуваат стакленички гасови. Тука е и можноста да бидат фрлени на улица, во природа, во вода…

 

Но, да ги разгледаме поединечно начините со кои ,,прописно’’ се ослободуваме од кесите:

  1. Се верува дека одлагањето на пластиката директно на депониите најмалку придонесува за создавање стакленички гасови на апсолутно ниво. Но, нашите пластични кеси со адитиви едноставно се распаѓаат на поситни делови, па микропластиката и токсичните адитиви во неа претставуваат огромна закана за чистотата на подземните води, квалитетот на воздухот и составот на околната почва.
  2. Рециклирањето има умерен степен на емисии на стакленички гасови и воедно заменува пластика добиена од чиста суровина (нафта). Затоа претставува прифатлива стратегија во управување со отпадот. За жал, само 5 до 15 проценти од пластичните кеси се рециклираат на глобално ниво а во Македонија капацитети за рециклирање на кеси воопшто нема!
  3. Што се случува со отпадот што не може или не стигнал да се рециклира? Видовме дека кесите, заедно со останатата пластика за една употреба, скоро и да не се рециклираат. Депониите немаат капацитет до бескрај да примаат новосоздаден отпад, па мора да најдат решение како истиот ,,да го снема”?!
    Има држави во кои се согорува голем процент од генерираниот пластичен отпад. Процесот е поврзан со многу високи емисии на стакленички гасови и ослободување на сулфур диоксид, високо токсични диоксини, фурани, тешки метали и потенцијално канцерогени честички.
    Факт е, исто така, дека најголемиот дел од отпадот генериран во развиените земји се извезува во странство, па последиците диспропорционално ги трпат маргинализираните заедници и помалку развиените земји преку сè позачестената форма на глобална нееднаквост позната како еколошка неправда.

 

Каде сме ние во приказната? 

Колку и да се мали и навидум незначителни индивидуалните напори во рамки на глобалниот проблем со климатските промени, големината е во свесното и одговорно заземање став и позиција – придионес во решавање или во продлабочување на кризата што сите нè засега. Јасно е на која страна сме или пак сакаме да застанеме, нели?