Оксоразградливите пластични кеси не се напредок, туку назадок!

Оксоразградливите пластични кеси не се напредок, туку назадок!

Новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување што година и половина е заглавен во лавиринтите на државните институции, содржи, како и постоечкиот закон, забрана на пластичните кеси. Она што сакаме да го нагласиме е дека оваа забрана е половична и неефикасна, бидејќи иззема од забраната еден вид на пластични кеси, имено, пластичните кеси со адитиви наречени „оксоразградливи кеси“, за полесно да ѝ се продадат на јавноста како „еколошки“. Тоа пак овозможува нашата земја да биде преплавена со пластични кеси, и покрај тоа што тие се законски забранети. Иницијативата за забрана на пластични кеси се спротивставува на изземањето на оксоразградливите пластични кеси од забраната на пластични кеси за пазарење и бара во новиот закон да бидат забранети сите пластични кеси за пазарење, вклучително и тие направени од оксоразградлива пластика.

 

1) Важечката регулатива во однос на пластичните кеси.
Важечкиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување веќе предвидува законска забрана на пластичните кеси. Со измената и дополнувањето на овој закон од јануари 2012 година, овој закон се дополнува со нов член 8-а, кој гласи:

„Забрана за пуштање на пазар на кеси за транспорт на стоки
(1) Се забранува пуштање на пазар на кеси за транспорт на стоки произведени од полимери од етилен, поли (винил хлорид) и/или од други пластични маси.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член дозволено е пуштање на пазар на биоразградливи кеси произведени на соодветно пропишаните стандарди за биоразградливост.
(3) Стандардите за биоразградливост од ставот (2) на овој член кои треба да ги исполнуваат кесите за транспорт на стоки, начинот на пуштање и употреба на биоразградливите кеси за транспорт на стоки на пазар ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.“

Но, оваа законска забрана на пластичните кеси е анулирана со подзаконски акт на Министерството за животна средина. Со Правилникот за стандардите на биоразградливост направено е двојно кршење на Законот:
Еднаш – во чл. 3, каде што речиси сите сектори се изземени од забраната,
Вторпат – во чл. 4, со усвојување на стандарди што дефинираат оксоразградливост наместо биоразградливост.

 

2) Одредбите од новиот предлог-закон во врска со пластичните кеси.
Наше убедување е дека постои сериозен ризик забраната на пластичните кеси, како што е дефинирана сега во чл. 10 од Предлог-законот, да заврши на сличен начин како и важечката забрана предвидена со постојниот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Односно, да биде девалвирана со донесувањето на новиот Правилник, кој треба да се донесе по усвојувањето на новиот закон (Преглед на прописи што треба да се донесат за спроведување на законот, точка 2). За да не дојде до тоа, потребно е чл. 10 да се измени во смисла на повторно вклучување на експлицитната забрана и на оксоразградливите пластични кеси.

 

Во таа насока сакаме да посочиме:

а) Верзијата на Предлог Законот за управување со пакување и отпад од пакување од април 2020 предвидуваше забрана и на оксо-разградливи пластични кеси за носење на стоки. Чл. 10 ст. 1 на оваа верзија на предлог-законот гласи:
(1) Целосно се забранува пуштање на пазарот во Република Северна Македонијана многу лесни пластични кеси за носење на стоки, лесни пластични кеси за носење на стоки и оксо-разградливи пластични кеси за носење на стоки.

Во подоцнежните верзии од предлог-законот, забраната на оксоразградливите пластични кеси во чл. 10 е отстранета. Иако, во чин на невиден правен аматеризам, во чл. 6 ст. 1 т. 9 од постоечката верзија на предлог-законот остана дефинирањето на оксоразградливите пластични кеси, кои потоа на ниту едно место во предлог-законот не се спомнуваат! Ваквиот правен аматеризам (дефинирање на поим кој потоа во текстот на законот никаде не се спомнува) се должи на фактот што во меѓувреме е избришана забраната на оксоразградливите пластични кеси во чл. 10.

 

б) Наводно, извршено е усогласување на новиот Предлог-закон со Европските Директиви наведени во фуснотата на стр. 10 од предлог-законот. Од нив се преземени дефинициите (една е гореспоменатата во чл. 6 ст. 1 т. 9) што гласи: „Oксo-разградливи пластични кеси за носење” се пластични кеси за носење изработени од пластични материјали кои вклучуваат адитиви кои го забрзуваат распаѓањето на пластичните материјали во микро-делови;”, како и онаа во чл. 13 ст. 4: „Пакувањето што е произведено од биоразградливи материјали мора да биде изработено на таков начин што кога ќе стане отпад од пакување … ќе се разградува во јаглерод диоксид, биомаса и вода. Во смисла на оваа точка, оксо-разградливото пластично пакување не се смета за биоразградливо.”

Повеќе од јасна е дистинкцијата помеѓу термините „оксоразградливо“ и „биоразградливо“ на што експлицитно се посочува и во точката 18 од (CELEX бр.32015L0720) – Европската Директива од 2015 г. што се однесува на редуцирање на користењето на тенките пластични кеси:
(18) „Некои пластични кеси за носење на стоки се означени од страна на производителите како „оксо-биоразградливи“ или „оксоразградливи“. Тоа се кеси кај кои во конвенционалната пластика се додадени адитиви. Поради присуството на адитивите, со текот на времето пластиката фрагментира во мали честички што остануваат во околината. Затоа, нарекувањето на ваквите кеси „биоразградливи“ е погрешно, тие не придонесуваат за решавање на проблемот со отпадот туку, напротив, го зголемуваат загадувањето. Европската Комисија треба да го испита влијанието од употребата на оксоразградливите пластични кеси врз животната средина и да поднесе извештај до Европскиот Парламент и Советот и, по потреба, да вклучи сет од законски мерки за да ја лимитира нивната потрошувачка и да ги намали штетните влијанија.“

Финалната верзија на споменатиот Извештај беше презентирана пред Европскиот Парламент и Советот во јануари 2018 г. и стана основа за законска забрана на оксоразградливата пластика во земјите членки. За разлика од нив, кај нас усогласувањето со европските регулативи не отиде подалеку од празно придржување кон дефинициите. Заклучоците од Извештајот за штетните влијанија на оксоразградливата пластика врз животната средина и предупредувањето за ризиците од нејзина зголемена потрошувачка, токму поради доведувањето на потрошувачите во заблуда дека е еколошка и безбедна, останаа игнорирани.

 

Оксоразградливата пластика спаѓа помеѓу производите од еднократна пластика што ги забрани Европската Унија, а која забрана стапи на сила на 3 јули 2021. Нашата држава, како кандидатка за членка во Европската Унија треба да се труди да ги примени еколошките стандарди кои важат во Европската Унија. Оттука, потребно е да се врати одредбата со која ќе се забранат и оксоразградливите пластични кеси за носење во чл. 10 наместо повторно да се отвора вратничка преку која со подзаконски акт повторно ќе се поткопа законот преку толкување дека оксоразградливите пластични кеси биле биоразградливи.