За и околу забраната на еднократната пластика (EU SUP Directive)

За и околу забраната на еднократната пластика (EU SUP Directive)

Еднократната пластика е релативно нов производ, но низ годините нејзините количини се мултиплицираат до тој степен што таа стана одлика на модерното живеење, симбол на нашето прифаќање и прибегнување кон комотен начин на живот, зависен од практичност. Дизајнирана да не може да се реупотребува, сортира и рециклира, тотално бескорисна и безвредна веднаш после првата употреба, еднократната пластика не придонесува за ништо друго освен за енормно натрупување на отпад. Парадоксот да биде уште поголем, предмет кој толку кратко се користи, фрлен во природата трае и загадува вечно!

Суровини за добивање пластика, вклучително еднократна, се нафтата и замјениот гас од кои се создава евтин, лесен, еластичен, издржлив на влијанија… просто совршен производ… но, само доколку се занемарат фактите дека нафтата и земјениот гас се необновливи фосилни горива и се ограничени природни ресурси. Самата екстракција, освен што е крајно агресивен чин сам по себе, ослободува стакленички гасови исто како и производството на пластика, транспортот… и така се’ до крајната фаза од нејзиниот краток животен век – депонирањето. А нашата планета, просторно ограничена и веќе исцрпена, не може и не заслужува да биде место за фрлање на секакво ѓубре ниту пак сунѓер што би ги апсорбирал штетните нус-продукти од распаѓањето на пластиката, како што се микропластичните честички и токсините.

Кога зборуваме за микропластиката; oчајничките обиди за полесно и побрзо ,,справување’’ со пластичното загадување, но и трката по профит, отидоа дотаму што производителите на пластика додадоа адитиви во полиетиленот и во други пластични маси со кои само го забрзаа процесот на кинење на пластиката на најситни делови и го интензивираа создавањето на микропластика, процес што случува и при долготрајното распаѓање на пластиката. Таквите производи ги нарекоа оксоразградливи, смислено и со цел погрешно да ги наведат потрошувачите дека пластиките со адитиви што под дејство на УВ-зраци, топлина и кислород брзо се распаѓаат, до илузија дека исчезнуваат, се безбедни за околината. Тоа воопшто не е точно зашто овие микроскопски честички лесно и подмолно продираат во почвата, водите, го загрозуваат живиот свет и влегуваат во синџирот на исхраната. Најеклатантен пример за еднократна пластика со адитиви се потрошувачките кеси. Оние кои и нашето Министерство, во 2013 г., допушти да циркулираат на пазарот под несоодветен термин ,,биоразградливи’’. А се далеку од такви!

Конечно, сега, предметите од оксоразградлива пластика се едни од десетте забранети со Европската Директива. Причина се претходноспомнатите основани сомневања за штетните влијанија врз природата, живиот свет и луѓето, но токму и погрешното етикетирање како ,,биоразградливи’’ и наведувањето на портошувачите на порелаксиран однос кон овие предмети, воглавно пластични кеси, нивно непотребно и неконтролирано купување, што резултира и со прекумерно создавање на ѓубре.

Ајде малку во бројки, оние што доведоа до вклучување на алармот кај Европската комисија:

Секоја година, во европските мориња завршуваат помеѓу 150 000 и 500 000 тони пластика, со катастрофални последици врз екосистемите и економијата. Исто така, секоја година во околината се ослободуваат од 75 000 до 300 000 тони микропластика, било директно или како резултат на распаѓањето од покрупни во поситни пластични парчиња.

Ова прашање стана еден од главните приоритети на Европскиот парламент што резултираше со усвојување на Директивата во јуни 2019, а на 3 јули 2021 стапи на сила во земјите членки.

Другите пластични предмети што ЕУ ги забрани а ги градат овие фамозни бројки се: пластичните чинии, приборот за јадење, сламките, мешалките за кафе, стапчињата за балони, чепкалките за уши, како и чаши и садови за храна и пијалоци изработени од експандиран полистирен (попознат како стиропор). Зошто баш овие? Зошто не сите? Стратегијата оди во тој правец. Но, забранетите 10 вида еднократна пластика, според Европската стратегија за пластика, се најзастапен отпад на европските плажи и сочинуваат половина од вкупниот пластичен отпад на плажите, кој пак учествува со огромни 80-85% во вкупниот морски отпад. Ова говори дека скоро целото ѓубре по плажите, во морињата, но и кај нас, што немаме море – е пластика!

Но, забраните и мерките на ЕУ не сопираат тука, изготвен е цел календар за наредните 3-4 години.

Меѓу производите за кои се предвидени посебни мерки се опремата за риболов, влажните марамчиња, еднократните производи за менструална хигиена, производи од тутунската индустрија со филтри и сл. Целта е да се ограничи нивната употреба, да се намали потрошувачката и да се спречи создавањето на отпад преку ознаки што ќе бидат втиснати на самиот производ или на амбалажата за да им се укаже на потрошувачите за присуството на пластика во производот и за соодветниот начин на одлагање после употребата.

Друга важна мерка е и проширената одговорност, односно собирање и третман на отпадот од страна на производителите на пластична амбалажа со што самите ќе мораат да преземат целосна одговорност за својот отпад, односно собирање, транспорт и негово рециклирање (по принципот ,,загадувачот плаќа“)… и други чекори што нужно мора да се преземат до постигнување на

главната цел на Директивата – да се спречи и намали влијанието на еднократната пластика врз животната средина, особено морињата и да се придонесе за транзиција кон циркуларна економија со вклучување на иновативни и одржливи деловни модели, одржливи материјали и дизајн на производите погоден за реупотреба.

Директивата експлицитно прецизира дека нејзиниот делокруг опфаќа производи за еднократна употреба, направени целосно или делумно од пластика. Значи во забраната се вклучени и производите за еднократна употреба на база на хартија, со пластична фолија или премаз како и оние на база на биопластика. Ова е во согласност со спомнатата главна цел на Директивата за намалување на пластичниот отпад и промовирање на циркуларна економија каде што најважна е превенцијата, а потоа доаѓа третманот на отпадот. Како што појаснуваат – кога ваквите садови обложени со пластика се фрлат, хартијата може да се разгради релативно брзо, но пластичниот дел може да остане во природата со години, потенцијално понатаму да се распадне во микропластика.

Истакнуваме дека, од еколошки аспект, ова е многу значајна поента за промената на консумеристичките шаблони. Зашто, целта не е постигната доколку еден производ за еднократна употреба едноставно се замени со друг таков. Тоа не ја намалува продукцијата, потрошувачката ниту генерирањето на отпадот. Решенијата базирани на користење реупотребливи алтернативи се единствените одржливи… во содејство се со природата и во согласност со принципите на циркуларната економија.

Да направиме паралела со состојбите кај нас. Каде сме ние во приказнава? Во период кога Европа изготви и веќе почна со имплементација на целосна стратегија за намалување на загадувањето од пластика, ние како држава не сме го направиле ни иницијалниот чекор?! Со години неуспешно ги забрануваме пластичните кеси, а еднократната пластика како тек да ни влегува на голема врата. Сеприсутните и практични амбалажи во кои ни се нудат претходно спакувани храна и пијалоци, совршено се вклопија во нам наметнатиот брз начин на живот и трка со времето… и дополнително нѐ разгалија.

Само се отвора прашањето – која е нашата општественоодговорна улога како потрошувачи? Што можеме да направиме? Индивидуалната акција и самосвесноста не се доволни, потребни се итни системси промени и тоа на сите нивоа, првенствено преку промена на регулативите. Наше е да притискаме ова да се случи што побргу, но не и пасивно да чекаме закон којшто ќе ни наложи да престанеме со користење на еднократната пластика. Зарем нашата еколошка одговорност не ни го налага истото?!

Колку и да ни се чини дека за еднократната пластика нема доволно соодветни реупотребливи алтернативи, да се сетиме дека, и пред појавата на пластиката луѓето си го носеле дома купеното! Носеле и храна и пијалок за по пат или за да поткаснат додека по цели денови работеле на нивите. Оттука, повикувањето на современиот, динамичен начин на живот понекогаш е само изговор и оправдување за нашата инертност да се оттргнеме од стегите на консумеризмот и да се навратиме на старите добри и скромни практики кога на пазар се одело со платнена торба и сламена кошница…
Значи, не потребата, туку комодитетот, цврсто потпомогнат од се’ уште доминантната линеарна економија и од ориентираноста на компаниите кон профит, е тој што не’ прави зависници од лесно достапните и евтини предмети.

Пластичните кеси и останатата еднократна пластика, можеби, чинат мал дел од овие предмети, но придобивките од нивното некористење се немерливи, за нас и за генерациите по нас.